Ципрас: Ако постои можност за решение, ќе биде национална глупост да не ја искористиме

Порака дека Атина бара едно име кое ќе важи и за внатрешна и за билатерална и за употреба во ОН упатува грчкиот премиер преку интервјуто под наслов „Ако постои можност, ќе биде национална глупост да не ја искористиме“, за неделното издание на весникот „Етнос“. Алексис Ципрас, како што јавува дописникот на МИА од Атина, говори опширно и детално за прашањето за името, вели дека по политичката промена кај нас гледа влада која изјавува дека е решена да направи чекори, но додава дека останува тоа да се покаже во пракса.

- Решавањето значи заемно прифатливо сложено име за севкупна употреба. А севкупна употреба значи дека не може да се вика различно во нашите билатерални односи и во ООН, а друго да е уставното име. Во однос на НАТО и ЕУ, работите се јасни. Интеграција во НАТО или отпочнување пристапни преговори за соседната земја ќе има само со решение на името, вели Ципрас за „Етнос“, пренесува МИА.

Во однос на денешните демонстрации во Солун, грчкиот премиер објаснува дека ја почитува чувствителноста на неговите сонародници од северна Грција, велејќи дека и тој е полу Македонец, затоа што мајка му се родила и пораснала во грчката област Македонија, од родители бегалци од источна Тракија. Но, додава дека националните интереси не се бранат со протести, туку со преговарачка способност, со меѓународни сојузништва, со поставени цели и со трезвеност.

- Веќе 25 години соседите се признати од многу земји под името Република Македонија. Ние секаде се бориме сите да ги нарекуваат пјРМ, односно со сложеното име што го содржи терминот Македонија, но без никаква одредница што би го спречила присвојувањето и на географијата, но и на историјата. Значи, доколку постои можност за решение што ќе ги отстрани овие негативни факти што ни ги наметнаа во 1992, тогаш ќе биде национална глупост да не ја искористиме, објаснува грчкиот премиер.

Алексис Ципрас во интервјуто за „Етнос“ вели дека спорот за името не е внатрешно прашање, туку европско и меѓународно и уште еднаш потенцира дека за официјална Атина, главната тема е иредентизмот.

- Ако сакаме да најдеме одржливо решение треба да бараме име, но и една поширока рамка за договор што нема да остава простор за иредентизам и историски неточни барања. Треба и двете страни да му пристапиме на проблемот со реализам и мудрост. Не треба да оставиме никаков простор за конфронтации меѓу двата народа затоа што оние работи што ги обединуваат се повеќе од оние што ги разделуваат, вели Ципрас.

Грчкиот премиер е длабоко убеден дека решение што би било во национална корист би било изгласано со мнозинство пратеници и коментира дека Каменос нема да стане Самрас, со што индиректно порачува дека лидерот на Независни Грци нема да создаде проблеми во грчката влада.

Како што вчера објави МИА, грчкиот премиер за „Етнос“ рече дека македонска нација никогаш не постоела во античко време, како што не постоела и нација на Атињаните или Спартанците и „не е апсурдно терминот Македонија да е вклучен во сложено име, со географска или временска одредница која ќе важи за сите, така што да биде јасно дека никој не бара територии или историја на други народи“.

Информативниот портал Њуз 247 што е дел од истата медиумска групација со весникот „Етнос“, од петокот вечерта објавуваше куси текстови со делови од интервјуто на Ципрас, а за конкретното прашање со македонската нација, порталот го објави само делот каде што грчкиот премиер вели дека македонска нација не постоела никогаш, без вториот дел од изјавата дека неговиот став се однесува на античкиот период. 

 

 

 

21.01.2018 - 12:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа