Груевски: Се чини како одлуката однапред да е донесена

Според начинот како се водат судењата се чини како однапред да е донесена одлуката. Нека не не малтретираат и нека ја прочитаат одлуката, изјави денеска пред Кривичниот суд поранешниот премиер Никола Груевски по денешното рочиште за предметот „Т.Н.Т“ што се однесува на уривањето на комплексот „Космос“.

Секој ден од следната недела, како што рече, за три различни предмети од понеделник до петок закажани му се рочишта и додаде дека на Заев му закажуваат на два месеци и оти понекогаш ако нема како да се одложи судењето, самиот обвинител бара начин како да го направи тоа.

Говорејќи за случајот „Т.Н.Т“, рече дека на минатото рочиште судиите од советот донеле задолжување за СЈО да им ги врачи доказите кои не се посебни истражни мерки (ПИМ).

– Доказите се даваат на обвинетите и одбраната да може да ги анализираат, да се подготват за воведен збор и подоцна за судењето. Судијата пет пати повтори дека доказите ќе ни бидат врачени на 2 февруари. Не само што не ни ги врачи доказите, туку денеска судиите си ја поништија својата одлука, односно задолжувањето што му го дадоа на СЈО, без никој да им го бара тоа. Ниту СЈО го побара, барем јавно не, можеби зад кулисите го побарале, ниту пак ние го побаравме. Си донесеа одлука сами да си ја поништат својата одлука од пред 14 дена, рече Груевски.

Додаде дека поради тоа била неговата реакција, дека ова судење, како и останатите стануваат фарса.

На прашање зошто им е важно да ги слушнат снимките, Груевски рече дека снимките се незаконски прибавени и се невалидни докази.

– Сите знаете, јавноста тоа го знаат како и судиите, но се под политички притисок. Снимките се прибавени незаконски и во ниедна држава во светот тие не се употребуваат како доказ или од нив не се извлекуваат докази. Ниту во една земја во светот, само тука и исклучиво само заради политички притисок и политичка хајка што се прави, рече Груевски.

Според него, снимките се невалидни докази и токму затоа во фазата на истрагата одбивале да ги слушаат.

Во контекст на тоа додаде дека во членот 12 од Законот за кривична постапка јасно стои дека секоја незаконски прибавена снимка, независно дали е  видео или аудио, не може да биде доказ во судска постапка. Сега, како што рече од политички притисок, немајќи други докази Апелацискиот суд донесе одлука снимките да станат докази.

– Сега кога ги правите снимките докази, дајте ни ги доказите. Има некој закон ако се ПИ мерки, значи со наредба од суд, не може да ви ги дадат, туку мора да ги слушнете во судот. Овие снимки не се ПИ мерки и судот нема никаво образложение зошто не ни ги дава, рече Груевски.

Според него со снимките може да се манипулира.

– Ние одамна го зборуваме тоа дека со снимките може да се манипулира и да се компромитират. Ни говореа дека тоа не е можно, а сега излезе дека може да се сменат снимките, да се компромитираат, да се изманипулираат и затоа не ни ги даваат. Тоа е смешно образложение, вели тој.

На новинарско прашање зошто толку години не беше пуштена новата зграда на Судот, Груевски рече, дека Судот е готов некаде во јуни или јули, а за тоа зошто не е пуштен упати на одговор во Министерството за правда.

Судењето за предметот „Т.Н.Т“ на Специјалното јавно обвинителство, во кое обвинети за уривањето на комплексот „Космос“ се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, е одложено за 15 февруари.

 

 

 

09.02.2018 - 14:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа