Реакции на официјален Белград за пресудата доживотен затвор за Ратко Младиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека доживотната казна на Меѓународниот трибунал во Хаг против генералот Ратко Младиќ за геноцид била очекувана, но може да биде обжалена.

Очигледно делејќи го мислењето на многу Срби дека Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија е пристрасен, Вучиќ рече дека „секој знаел каква ќе биде казната".

- Како претседател, немам право да ја коментирам првостепената пресуда, изјави Вучиќ.

Александар Вучиќ

Тој ги повика граѓаните на Србија да гледаат во иднината, да мислат на зачувување на мирот и стабилноста во регионот и да „не ронат солзи за минатото“, туку да мислат на градење поинаква и подобра иднина.

Српската премиерка Ана Брнабиќ, исто така, рече дека не е изненадена од казната против Младиќ.

- Треба да гледаме кон иднината, откако конечно имаме стабилна држава. Треба  да го оставиме минатото зад нас, рече Брнабиќ во Осло, каде што е во посета.

Ана Брнабиќ

Пред пресудата, српската министерка за правда, Нела Кубуровиќ, рече дека без оглед на тоа како ќе суди Трибуналот за Ратко Младиќ, Србија ги задржува гаранциите што претходно и беа дадени за негово привремено ослободување за лекување.

Таа додаде дека Србија не може да биде задоволна од работата на Меѓународниот трибунал, кој отсекогаш имал „селективен пристап".

- Од 82 осудени од Трибуналот, 62 се Срби, потсети Кубуровиќ, додавајќи дека Србија не бегала од одговорноста, а српското обвинителство за воени злосторства ги гони сите осомничени без оглед на нивната националност.

Хашки суд совет
Меѓународниот трибунал за воени злосторства за поранешна Југославија денеска го осуди на доживотен затвор поранешниот воен командант на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ под обвинение за геноцид и злосторства против човештвото.
 

 

 

 

22.11.2017 - 20:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа