Реализиран првиот лет на „Катар ервејс“ од Доха до Скопје

На скопскиот аеродром „Александар Велики“ денеска се реализираше првиот редовен директен лет од Доха. Новата рута до главниот град на Македонија ќе биде опслужувана четири пати неделно (понеделник, среда, петок и недела) со воздухоплов „Ербас А320“, што има 12 седишта во бизнис и 132 во економската класа.

Новата услуга на „Катар ервејс“ ќе ја поврзе Македонија со повеќе од 150 интернационални дестинации на глобалната мапа на летови.

 

Ехаб Амин, главниот комерцијален директор на „Катар ервејс“ и Вукица Кртолица Поповска, македонскиот амбасадор во Катар, кои пристигнаа со првиот лет од Доха, беа пречекани од генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, придружуван од министерот за траспорт и врски Горан Сугарески и амбасадорот на Катар во Македонија, Хасан Бин Абдула Заид Ал Махмуд.

- Ова лето е навистина исполнето за „Катар ервејс“, како што тече нашата експанзија во источна Европа. Нашата нова четиридневна услуга до Скопје е долгоочекуван додадок на нашата глобална мрежа на рути. Таа ќе ни овозможи да ги поврземе и бизнис-патниците  и туристичките патници до и од Република Македонија. Со нетрпение очекуваме да им посакаме добредојде на патниците на летовите за овој одушевувачки град, изјави извршниот директор на „Катар ервејс груп“, Акбар Ал Бакер.

Според генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој, „Катар ервејс“ е еден од најценетите брендови меѓу авиокомпаниите во светски рамки. Доха, нагласува, ќе биде многу атрактивна нова дестинација за македонските граѓани, за туристички патувања, како и за бизнис-посети и ќе ги поврзе со  150 дополнителни дестинации во светот.

Како што соопштуваат од ТАВ Македонија, дополнително, почетокот на воздушната карго услуга  на „Катар ервејс карго“ до скопскиот аеродром „Александар Велики’’ ќе го поттикне растот на воздушната трговска размена на  Македонија, со тоа што ќе ја поврзе со главните увозници во североисточна Азија преку врвниот центар што авиокомпанијата го има во Доха. Новиот Центар за климатска контрола на карго-превозникот со решенијата на ладен ланец и транзитни услуги ќе го поддржат извозот на свежо овошје и зеленчук од Скопје.

- Првата услуга на авиокомпанијата од Република Македонија ќе им овозможи на македонските патници полесен пристап до Австралија, каде што живеат повеќе од 200.000 граѓани со македонско потекло, се потенцира во соопштението.

Националниот авиопревозник на Катар има флота од 200 воздухоплови кои што летаат до бизнис и туристички дестинации на шест континенти. „Катар ервејс карго“, третиот најголем меѓународен карго превoзник, опслужува 60 дестинации за товарен транспорт ширум светот преку својот врвен центар во Доха и исто така, пренесува товар во над 150 клучни бизнис и туристички дестинации со 200 воздухоплова. Флотата на „Катар ервејс карго“ е составена од осум товарни авиони „Ербас А 330“, 12 „Боинг 777“ и еден „Боинг 747“.

Во првите шест месеци од 2017 година, „ТАВ Македонија“ оствари пораст на бројот на патници од шест проценти споредено со истиот период лани. На двата македонски аеродрома, од јануари до јуни, минале 860.130 патници. Со додавањето на новата рута Скопје-Доха на „Катар ервејс“, како и дополнителните дестинации и фреквенции на постоечките рути неодамна отпочнати на скопскиот аеродром, „ТАВ Македонија“ очекува уште повисока стапка на пораст на авиосообраќајот во втората половина од годината. 

 

 

 

17.07.2017 - 13:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа