Сугарески: Ако не се потпише анексот, Македонија може да остане и без автопат и без финансиски средства

Во крајна фаза се преговорите за потпишување на анекс на договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатот Кичево-Охрид. Анексот треба да овозможи доизградба на автопатот, кој со основниот договор требаше да биде завршен до 31 јануари. Ако не се потпише анексот, во случај на спор, Македонија може да остане и без автопат и без големи финансиски средства, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вечерва во гостување на ТВ 24 вести.

Тој очекува дека преговорите ќе завршат успешно и оти по изготвувањето на анексот на договорот, тој ќе треба да биде одобрен од македонското Собрание. Дури потоа, рече Сугарески, Владата и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов ќе го потпишат со цел да продолжи изградбата на автопатот.  

- Ние со потпишувањето на овој анекс договор сакаме да продолжи изградба на автопат за којшто граѓаните на РМ поделиле сума, огромна сума на пари и таму сметаме дека треба да има автопат. Другата страна носи прекинувањето на договорот, немање автопат и комплетно овие спорови да одат на арбитража каде што РМ ќе биде една од учесниците.  Во ситуација да се изгуби една таква арбитража ние како држава ќе останеме и без автопат и без големи финансиски средства, рече Сугарески.

Во врска со обвиненијата што СЈО ги има покренато за изградбата на овој автопат, тој вели дека станува збор за обвинение, а не за докажана вина. 

 

 

 

14.02.2018 - 21:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа