Алармантно: Морбилите се шират низ Европа - бројот на заразени се зголемил за 400 отсто

 

 Бројот на случаи на морбили во Европа во 2017 година порасна за 400 отсто во однос на претходната година, при што заболеле повеќе од 20.000 лица, од кои 35 починале, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО).

Според СЗО, ваквите податоци се алармантни имајќи го пред вид рекордно нискиот број од 5.273 случаи во 2016 година.

Големи епидемии на ситни сипаници лани се регистрирани во 15 европски држави.

Најтешко погодена земја минатата година била Романија, каде се регистирани 5.562 случаи на морбили, по што следи Италија со 5.006 и Украина со 4.767 заболени.

Морбили Грција

Во Грција во 2017 година имало 967 заболени, во Германија 927, во Србија 702, во Таџикистан 649, Франција 520, Русија 408, во Белгија 369, Велика Британија 282, во Бугарија 167, Шпанија 152, Чешка 146 и Швајцарија 105. 

Стручните лица сметаат дека дел од проблемот е што луѓето одбиваат вакцинација. 

Иако една студија објавена во 2004 година за можна врска помеѓу ММР вакцината и аутизмот е побиена, таа заплаши некои луѓе и ја разниша довербата во вакцината.

Сипаници

Светската здравствена организација објави дека е забележано намалување на општата рутинска вакцинација, со инаку ниско покривање на „маргинализираните социјални групи", како и прекини во снабдувањето со вакцина или несоодветни системи за контрола на болести.

Сузана Јакаб од СЗО вели дека секое ново лице инфицирано со малите сипаници во Европа потсетува дека невакцинираните деца или возрасни, без оглед каде живеат, остануваат на ризик да се заразат и да ја пренесат заразата и на други лица.

- Ова краткорочно назадување не може да не одврати од посветеноста да бидеме генерација која еднаш и засекогаш ќе ги ослободи нашите деца од оваа болест, вели таа. 

 

 

 

20.02.2018 - 15:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа