Коце Трајановски: За зеленило зборуваат оние кои едно дрво не насадиле

 

Предизборни интервјуа на кандидатите за градоначалници. Во предизборниот период Прес24 побара интервјуа со најголем дел од канидатите за градоначалници во скопските општини,  но и од останатите градови. Интервјуата ќе бидат објавувани согласно динамиката на одговори на кандидатите.

Пресс24: Господине Трајановски, проблемот со загаденоста на воздухот е голем проблем за Скопје и Скопјани. Како градоначалник на Град Скопје, што правевте изминативе 8 години за подобрување на воздухот?

Коце Трајановски: Проблемот со загадувањето на воздухот е сериозен проблем со коишто се соочува Скопје и за негово надминување треба да се вклучат сите општествени и државни чинители.

Градот Скопје, во рамките на своите ингеренции, изминативе неколку години реализира серија на активности и проекти за надминување на оваа состојба, како што е набавката на 300 нови автобуси со ЕУРО 4 и ЕУРО 5 мотори, изградбата на над 30 километри на нови велосипедски патеки и велосипедска инфраструктура, доделувањето на субвенции за набавка на повеќе од 2.600 велосипеди, промоцијата на електро мобилноста, изградбата на нови паркови и зелени површини на повеќе од 300.00 метри квадратни, засадување на повеќе од 250.000 нови садници, субвенции за набавка на печки на пелети и многу други.

Пресс24:  Вашите политички противници Ве обвинуваат заради состојбата со воздухот и загаденоста. Ве обвинуваат за намалувањето на зелените површини, сечата на дрва... Дали сметате дека Вие сте одговорен со состојбата со воздухот во Скопје?

Коце Трајановски:  Сметам дека нашите политички противници се обидуваат со лаги и манипулации да препишат голема појава, каква што е загаденоста на воздухот и да ја симплифицираат и да ја насочат кон некој субјект или владеење.

Како прво, токму јас како градоначалник, уште во февруари 2011 година на улицата Македонија дадов налог за поставување на инструмент којшто врши мерење на загадувачките материи во воздухот, и тоа јаглерод-моноксид, сулфур-диоксид, азотни оксиди и партикуларни честички помали од 10 микрометри. Со овој потег всушност и започна борбата со загаденоста на воздухот, состојба за која претходно воопшто не беа презентирани никакви бројки и мерни количини. Тезата дека претходно не бил загаден воздухот е крајно неточна и лажна, бидејќи претходно граѓаните воопшто не беа запознаени со состојбата на загаденоста. Замислете само каква била загаденоста во минатото кога работеа голем број на фабрики во Скопје, Железара со цел капацитет, пред гасификацијата на топланите и Клиничкиот центар, пред набавката на новите 300 автобуси...

Околу обвинувањата за сечењето на дрвја од страна во Скопје, најодговорно тврдам дека изминативе 8 години ниту едно дрво не е исечено без причина и соодветна законско утврдена постапка и решение.

Околу состојбата со зеленилото, исто така се користат со манипулации и лаги за состојбата со парковите и дрвјата. Во овие 8 години се засадени над 250.000 нови садници, а подигнати се над 330.000 квадратни метри ново парковско зеленило, во вид на нови паркови, булеварско зеленило или блоковско зеленило. Само новиот парк во Аеродром кај бул. АСНОМ е на површина од 100.000 метри квадратни, а новиот парк Македонија во Карпош долж булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов е со површина од 70.000 квадратни метри.  

 

Пресс24:  Кои се проектите со кои планирате да се борите со загадувањето во Вашата изборна програма?

Коце Трајановски:  Проблемот за загадувањето на воздухот на Скопје е комплексен проблем и ние планираме да продолжиме со реализацијата на проектите како и досега, со стручен и систематски пристап, и во рамките на нашите надлежности.

Ние ова ќе го сториме со реализација на серија на проекти во трите области кои според стручните истражување и анализите на експертите се најголемите области и причинители на загадувањето на воздухот.

Прва област, и воедно како област која најмногу го загадува воздухот е загревањето на домовите. Нашата цел е да овозможиме што е можно повеќе домаќинства да се загреваат на еколошки системи или системи кои што е можно помалку загадуваат. Како најважни проекти од оваа област можеме да ги издвоиме субвенциите за изградбата на нови топловодни мрежи, со крајна цел зголемување на бројот на корисниците и намалување на цената на парно греењето, како и продолжување на субвенциите за набавка на печки на пелети.

Втората област, која се појавува како најголем загадувач на воздухот, е сообраќајот во Скопје. И во оваа сфера имаме поголем број на проекти, каде како најважни се модернизацијата на сите сегменти на јавниот превоз во Скопје, преку набавка на ново 20 електрични двојни автобуси за ЈСП, субвенции до 10.000 евра за приватните автобуски превозници за инсталирање на уреди на гас или за купување автобуси со ЕУРО 5 или ЕУРО 6 стандард, како и субвенционирање до 3.000 евра на таксистите за купување на електрични такси возила. Во оваа област треба да се напомене и големиот број на проекти за подобрување на условите за користењето на велосипедите во Скопје, изградбата на нови велосипедски патеки, како и субвенциите за набавка на нови 10.000 велосипеди во Скопје.

Третата област се секако парковите и зеленилата. Во оваа област, во наредните 4 години предвидена е изградба и реконструкција на зеленила и паркови на површина од 500.000 квадратни метри, а како најважни се нов парк во Аеродром, нов парк во Карпош, како и реконструкција на вториот дел од Градскиот парк.

 

 

 

04.10.2017 - 10:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа