Мицкоски за скандалот во РЕК Битола: Власта е фатена како мести тендери

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во телевизијата Алфа во врска со скандалот во РЕК Битола вели дека власта е фатена како мести тендери.

Тој потенцира дека за може да се „штелуваат“ тендерите, прво мора да се елиминира Советот за јавни набавки кој е последниот филтер меѓу економските оператори и нарачателите, што владата го укина кон крајот на минатата година.

-Се елиминираше ова тело, сега имате „бришан простор“ и некаде во средината на март месец се објавува оваа јавна набавка каде што единствен критериум од аспект на техничките критериуми е да економскиот оператор, кој што треба да конкурира, во последните три години има ископано 900 илјади тони јаглен. Според моите сознанија, во Република Македонија тоа е една компанија, појаснува Мицкоски.

Тој објасни дека откако скандалот излезе на виделина на јавноста, во огласот бил вметнат и втор критериум кој го проширил опфатот на компании. Вториот критериум бил компанијата да има 900 илјади тони или милион метри кубни јаловина, камен итн.

-Кога сте фатени во лага, чесно е да си признаете и да поднесете одговорност. Во оваа држава мора да почне да функционира одговорноста. Ве фатиле, признајте, напуштете ја функцијата, оставете луѓе кои што знаат да си ја работат работата. Наместо да се повлечат бараат брутална пресметка со неистомислениците креирајќи лажни вести, лаги и клевети, рече Мицкоски.

 

 

 

19.04.2018 - 23:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа