Средба на градоначалникот на Охрид со претставници на Светскиот совет за одржлив туризам

 

 Претставници на Светскиот совет за одржлив туризам (Global Sustainable Tourism Council) и на „Свис контакт“  швајцарската агенција за развој и соработка денеска имаа работна средба со градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.

Тема на дискусија беа подготовките околу изработката на Стратегија за одржлив развој на туризмот во Општина Охрид. Притоа како воведни активности беа посочени критериумите за дестинација на носители на јавната политика и дестинациски менаџери, критериуми за индустрија за хотели и тур-оператори, за водечки принципи и минимални барања кон кои треба да се стреми кој било туристички бизнис или дестинација со цел да ги заштитат и одржат природните и културните ресурси, а во исто време да се стимулира туризмот да ги задоволи своите потенцијали како алатка за зачувување и намалување на сиромаштијата.

Михи Кан, консултант од Светскиот совет за одржлив развој, во рамки на работната посета на Охрид оствари средби и со претставници на туристичкиот сектор, каде се запозна со предизвиците со кои се соочуваат во работата како и можностите за унапредување на нивната дејност.

- Одредени субјекти од туризмот имаат своја стратегија и критериуми. Ние ќе предложиме кој вид на правци треба да ги преземат. Тоа е процес што се спроведува постепено. Прво сакаме да го слушнеме мислењето за нивните предизвици и можности. Подоцна ќе ги комбинираме нивоата на можности и ќе го одредиме приоритетите, а ќе предложиме и одредени правци на иден развој на туризмот во Охрид, изјави Кан на средбата со охридските туристички субјекти.

Предвидено е во рамки на активностите на двете организации во мај годинава да се спроведе обука за одржлив туризам, наменета за претставниците на јавните институции и организации, приватниот сектор и други организации вклучени во процесот на управување со туристички дестинации во Македонија.

Стандардите на Светската организација за туризам предвидуваат 42 критериуми што секоја туристичка дестинација треба да ги исполнува за да биде нејзина членка.

- Тоа се стандарди што се однесуваат на еколошката, економската и социолошка одржливост на една дестинација и не само дестинација, туку и на приватни чинители и јавни институции. Приватните затоа што можат да покажат економска одржливост и така стануваат конкурентни, а дестинациите се одржливи тогаш кога носат политики кои преферираат одржлив  развој на туризмот, истакна Елена Иванова од швајцарската агенција за развој и соработка.

Република Македонија оваа година станува членка на Светскиот совет за стандарди за одржлив туризам.

 

 

 

08.03.2018 - 16:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа