Трајко Славески: Владата нема јасна слика што сака да постигне со новите фискални политики

 

Тајмингот  за зголемувањето на акцизата на нафтата е несреќно избран, а ефектот кој ќе биде постигнат од оваа мерка е незначителен, вели универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии, Трајко Славески во интервју за Прес24. Професорот смета дека земјоделците ќе бидат оние кои најмногу ќе бидат погодени од оваа мерка на новата власт.

-Фискалниот ефект, гледајќи ги приходите во Буџетот во целина, нема да биде којзнае каков, особено ако се има во вид дека владата претходно се лиши од околу 20 милиони евра приход од радиодифузната такса. Ако се комбинираат овие две мерки, од кои првата носи планирана добивка од околу 36 милиони евра дополнителни приходи во буџетот, а втората значи откажување од околу 20 милиони евра, нето фискалниот ефект е незначителен, дури и за политичката цена што ја плаќа владата за ова непопуларно зголемувањена акцизата. Аргументот за еколошките последици од користењето дизел гориво е релативно слаб. Возилата на дизел се поекономични од аспект на потрошувачката во споредба со бензините. Многу се поважни стандардите што треба да ги исполнуваат возилата од аспект на загадувањето на амбиенталниот воздух. На крај, но не и по важност, е несреќно избраниот тајминг за ова зголемување на акцизата. Цената на горивата постојано расте како резултат на растот на цената на суровата нафта на светските берзи. Овој тренд, кој директно влијае на зголемување на малопродажните цени на горивата, се очекува да продолжи и во периодот што ни претстои. Значи, ќе растат притисоците од страна на граѓаните и на бизнисот, а особено од страна на земјоделците, кои ќе бидат најмногу погодени со високите цени на горивата. Да се потсетиме, во една слична ситуација на сегашнава, во 2012 година, СДСМ кој во тоа време беше во опозиција, упорно бараше од тогашната влада да интервенира со намалување на акцизите кај горивата, вели универзитетскиот професор во интервјуто за Прес24.

Славески смета дека досега владата идејата за прогресивна даночна стапка е погрешна економска политика на владата, особено што таквата мерка ќе предизвика нови потреси и процеси избегнување плаќање данок.

-Напуштање на концептот за единствена даночна стапка за оданочување на доходите (рамен данок), какви и да се намерите и колку тие да изгледаат благородни (од типот намалување на нееднаквоста), факт е дека се навлегува во зона на арбитрарност. Тезата е дека „богатите“ (се мисли на лицата со повисок доход)  треба да плаќаат повеќе. Тоа е веќе обезбедено и со пропорционалното оданочување со единствена даночна стапка, какво што постои во моментов. На пример, со стапка од 10% на даночна основица од 30.000 денари треба да се платат 3.000 денари, за 50% повеќе во апсолутен износ во споредба со данокот што го наплаќа лице со даночна основица од 20.000 денари, кое ќе треба да плати 2.000 денари. Се поставува прашањето на кое ниво би се утврдиле повисоките даночни стапки. Во светот постојат примери, на времено пропишување енoрмно високи стапки на персонален доход од дури 70%, како што беше тоа до неодамна во Франција под влијание на некои левичарски кругови. Соочени со реалноста овие мерки траат сосема краток период. Нашата јавност и од штурите информации кои доаѓаат од официјални кругови за намерата за воведување прогресивно оданочување на доходите е прилично сензитивизирана и укажува на штетните последици што би ги предизвикал овој чекор, кој, доколку се спроведе, ќе доведе до нови неправди и нееднаквост, вели во интервјуто за Прес24, професорот Трајко Славески

ПРЕС24: Новата влада најави нови политики во финансиите. Голем дел од нив се речиси сосема спротивни на она што беше финансиска политика изминативе 11 години. За почеток сакам да Ве прашам, колку е политички исправно, колку пак е вообичаена пркаса, да се случуваат вакви драстичини промени на финаниската политика на една држава. Колку тоа може да се одрaзи, позитивно, а колку негативно во општеството.

СЛАВЕСКИ: Ќе се задржам на најавените промени во даночната политика. Вообичаено е владите, особено по смена на власта, уште на почетокот од својот мандат да ги имплементираат покрупните промени во политиките со кои настапиле пред гласачите во текот на изборната кампања. Актуелната влада отстапи од ова правило. Засега е единствено извесно зголемувањето на акцизата за дизел горивата за 3 денари, нешто што не беше претходно најавено. Намерата за воведување на прогресивни стапки кај данокот од доход е оставена за реализација од почетокот на 2019 година. Ветувањето дека на граѓаните ќе им се враќа 15 отсто од платениот данок на додадена вредност (ДДВ) речиси и да не се споменува. Инаку, легитимно е влада која на избори ја добила довербата од граѓаните да спроведува сопствени политики, се разбира, водејќи сметка за последиците од нив.

ПРЕС24: Една од мерките што ја најави новата влада е покачување на акцизата за нафтата. Наспроти тоа што оваа мерка не беше дел од предизборните ветувања и наспроти тоа што од времето кога СДСМ беше опозиција и кога зголемувањето на ваквата акциза го оценуваше како негативна мерка, прашањето е дали за оваа мерка има оправдување и какви последици таа би предизвикала во поглед на функционирањето на бизнисот?

СЛАВЕСКИ: Како што забележувате, иако новата влада се повикува на транспарентност, настапи со една непопуларна мерка која наиде на критики во јавноста. Фискалниот ефект, гледајќи ги приходите во Буџетот во целина, нема да биде којзнае каков, особено ако се има во вид дека владата претходно се лиши од околу 20 милиони евра приход од радиодифузната такса. Ако се комбинираат овие две мерки, од кои првата носи планирана добивка од околу 36 милиони евра дополнителни приходи во буџетот, а втората значи откажување од околу 20 милиони евра, нето фискалниот ефект е незначителен, дури и за политичката цена што ја плаќа владата за ова непопуларно зголемување на акцизата. Аргументот за еколошките последици од користењето дизел гориво е релативно слаб. Возилата на дизел се поекономични од аспект на потрошувачката во споредба со бензините. Многу се поважни стандардите што треба да ги исполнуваат возилата од аспект на загадувањето на амбиенталниот воздух. На крај, но не и по важност, е несреќно избраниот тајминг за ова зголемување на акцизата. Цената на горивата постојано расте како резултат на растот на цената на суровата нафта на светските берзи. Овој тренд, кој директно влијае на зголемување на малопродажните цени на горивата, се очекува да продолжи и во периодот што ни претстои. Значи, ќе растат притисоците од страна на граѓаните и на бизнисот, а особено од страна на земјоделците, кои ќе бидат најмногу погодени со високите цени на горивата. Да се потсетиме, во една слична ситуација на сегашнава, во 2012 година, СДСМ кој во тоа време беше во опозиција, упорно бараше од тогашната влада да интервенира со намалување на акцизите кај горивата.

ПРЕС24: Може ли покачувањето на цената на нафтата да предизвика и повисок степен на инфлација?

СЛАВЕСКИ:  Треба да го раздвоиме зголемувањето на акцизата од зголемувањето на цените на горивата како резултат на трендот на пораст на светските цени на суровата нафта. Акцизата, како фиксен дел во структурата на малопродажните цени, ќе има еднократен ефект врз зголемувањето на цените на горивата и на некои производи и услуги. Ова не значи зголемена инфлација. Сепак, проследена оваа мерка, која, како што истакнав претходно, доаѓа во малку несреќно избран момент, со постојаниот раст на цените на суровата нафта, може да значи зголемување и на стапката на инфлација. Да се потсетиме, во летото 2007 година, кога цената на нафтата достигна 140 американски долари за барел (сега изнесува околу 62 САД долари), нашата стапка на инфлација која беше пониска од 2 отсто се искачи на 8 отсто. На ова влијаеше и зголемувањето на цените на житариците на светските пазари.

ПРЕС24: Кога сме кај инфлацијата. Кои се вашите проценки, ако сеанализираат сите најавени мерки на владата... До кое ниво би одело подгревањето на инфлацијата?

СЛАВЕСКИ: Сеуште не гледам опасност од забрзување на инфлацијата. Веднаш да истакнеме дека тоа би претставувало несакана појава со далекусежни негативни последици по целокупната економија и по стандардот на граѓаните. Она што ме загрижува е лежерноста кај владата, особено кај некои кругови во Министерството за финансии, кои предлагаат (и преземаат!) мерки за забрзан раст на платите, кој не е во согласност со зголемена продуктивност во економијата. Ова би можело сериозно да ја наруши макроекономската стабилност доколку не се отстапи од идеите дека економскиот раст во нашата земја, во оваа фаза, би можел да се потпира на раст на платите. Овој пристап е проблематичен и од теоретски и од практичен аспект. Згора на се, со сигурност може да се очекува и смалување на вработеноста преку отпуштање на дел од работната сила. Последново најмалку ни е потребно!

ПРЕС24: Иако се највуваше, па потоа имаше некој вид повлекување, за да сега се најавува повторно дека од следната година ќе има и промена на даночната политика. Што може да очекува македонската економија и бизнисот со политиката на прогресивна даночна стапка?

СЛАВЕСКИ: Најавата е дека ќе се воведе прогресија во оданочувањето на персоналниот доход. Јас сум убеден дека рамниот данок е сеуште најприкладен за економија како нашата. Неизвесно е во која мера би се зголемиле приходите во буџетот со зголемување на стапката на оданочување за одредени даночни обврзници. Да потсетам дека пред воведување на една единствена стапка на оданочување (12% од 2007 и 10 отсто од 2008 година) ние имавме прогресивно оданочување со три даночни стапки (15, 18 и 24 отсто), но приходите прибрани преку повисоките стапки беа незначителни.

Евентуалните измени во оваа сфера ќе влијаат на зголемување на цената на трудот, а со тоа и на производствените трошоци, особено за вработени со повисок степен на квалификации. Ова не е правилен потег! Фокусирањето врз оданочување на работните места не е начин за „намалување на нееднаквоста“ во општеството, туку ќе влијае на дестимулација на лицата со високи квалификации, особено тие во областа на високите технологии и воопшто лицата кои инвестирале во своето образование и во стекнувањето вештини. Тренд е работните места да стануваат се пофлексибилни. Работното место може денес да го имате, но тоа работно место не е гарантирано дека ќе го имате и утре. Високите даноци само би ја зголемиле неизвесноста, демотивираноста и даночната евазија.

ПРЕС24: Имаме ли јасна слика на тоа што и како ќе биде опфатено со прогресивниот данок?

СЛАВЕСКИ: Сеуште немаме целосна слика. Единствено се зборува за воведување на повисока стапка од 18% за лицата со повисоки примања. Со оглед на тесното мнозинство што го има владата треба да почекаме по ова прашање да се изјаснат коалициските партнери на СДСМ, особено партиите на етничките Албанци, чиј став досега не сме го слушнале.

ПРЕС24: Она што веројатно ќе предизвика најголеми реакции е најавата за промени на пресметување на данок на добивка. Како го оценувате овој чекор?

СЛАВЕСКИ: По некои најави за воведување на прогресивна стапка за оданочување на добивката од луѓе блиски до Министерство то за финансии, надлежните излегоа со став дека такво нешто не се планира. За други евентуални измени не би коментирал, затоа што не сум запознат со конкретен предлог, доколку такво нешто постои.

ПРЕС24: Во најавите беше дека лицата со над 1000 евра приходи ќе имаат повисока даночна стапка. Колку оваа граница е реална да се смета за некакво високо ниво на заработувачка?

СЛАВЕСКИ:  Претходно истакнав дека со напуштање на концептот за единствена даночна стапка за оданочување на доходите (рамен данок), какви и да се намерите и колку тие да изгледаат благородни (од типот намалување на нееднаквоста), факт е дека се навлегува во зона на арбитрарност. Тезата е дека „богатите“ (се мисли на лицата со повисок доход)  треба да плаќаат повеќе. Тоа е веќе обезбедено и со пропорционалното оданочување со единствена даночна стапка, какво штопостои во моментов. На пример, со стапка од 10% на даночна основица од 30.000 денари треба да се платат 3.000 денари, за 50% повеќе во апсолутен износ во споредба со данокот што го плаплаќа лице со даночна основица од 20.000 денари, кое ќе треба да плати 2.000 денари. Се поставува прашањето на кое ниво би се утврдиле повисоките даночни стапки. Во светот постојат примери, на времено пропишување енермно високи стапки на персонален доход од дури 70%, како што беше тоа до неодамна во Франција под влијание на некои левичарски кругови. Соочени со реалноста овие мерки траат сосема краток период. Нашата јавност и од штурите информации кои доаѓаат од официјални кругови за намерата за воведување прогресивно оданочување на доходите е прилично сензитивизирана и укажува на штетните последици што би ги предизвикал овој чекор, кој, доколку се спроведе, ќе доведе до нови неправди и нееднаквост.

ПРЕС24: Може ли да се очекува дека оваа мерка ќе предизвика зголемување на даночната евазија, и наместо посакуваните позтивни ефекти, на крајот да во буџетсаката каса да имаме помалку пари и тоа како резултат на даночни затајувања?

СЛАВЕСКИ: Тоа е сосема извесно!

ПРЕС24: Велат дека еден од најдобрите периодни на македонската економија беше од 2006 до 2009. Тоа се поклопува со годините кога Вие бевте  министер за Финасии. Сакам да Ве прашам, што беше клучно за да во тие години имаме и највисок економски раст и веројатно почеток на една добра стабилна даночна дициплина?

СЛАВЕСКИ: Се знаеше што се сака да се постигне. Јас во деновите пред почетокот на даночните реформи ја уверував јавноста дека во дадената фаза од развојот за Република Македонија најадекватни се ниски и едноставни даноци. Сакавме да креираме амбиент во кој ќе биде неисплатливо да не се плаќаат со закон пропишаните давачки. Ова, од друга страна создаде легитимитет за построги контроли на спроведувањето на законската регулатива од страна на економските субјекти со цел да се обезбеди максимално можно еднакво (рамно) поле за натпревар на сите учесници во пазарната конкуренција. При ова, во реформите се поаѓаше храбро, одважно и самоуверено, преземајќи го ризикот од критика од некои субјекти чиишто интереси и комоција се засегаат. Присутна беше политичката волја и компетентноста на тимовите во повеќе министерства и државни органи, предводени од Министерството за финансии.

ПРЕС24: Од денешна дистанца дали реформата за Бруто плата беше еден од столбовите кои воспостави стабилност на економијата, и како ја оценувате одлуката на оваа влада за исплата на минмалната плата?

СЛАВЕСКИ:  Реформата „бруто плата“, како што популарно се нарекува, со интегрирана наплата на персоналниот данок и социјалните придонеси, е можеби најсложената реформа на економски и социјален план спроведена по осамостојувањето на Република Македонија повеќе од половина година секојдневно се работеше на подготовките за нејзин старт од почетокот на 2009 година. Повторно носител беше Министерството за финансии, а драгоцена беше поддршката од речиси сите министри во владата и бројни државни институции надвор од владата, коморите и стотици претпријатија кои и покрај критиките во јавноста ја согледаа потребата од оваа реформа и ја поддржаа. Би сакал да верувам дека сте во право со констатацијата содржана во вашето прашање. Сепак, се плашам дека и од оваа временска дистанца би можел да звучам пристрасно во оценките и ќе оставам други субјекти од областа на економската професија и од бизнисот да ја креираат крајната оценка. Јас единствено ќе додадам дека лично целосно се заложив за нејзиниот успех, преземајќи огромен ризик во услови на бројни критики од тогашната опозиција и повеќето медиуми од тоа време.

ПРЕС24:  Владата го скрои првиот Буџет. Иако како опозиција постојано критикуваше дека претхопдната власт има енормно високо проектирани буџети, сега Владата предлага Буџет поголем од оној во 2017 година. На што се должи ваквата неконзистенстнос во позициите?

СЛАВЕСКИ:  Во политиката не е ретка појава политичките претставници едно да говорат кога се во опозиција, а да делуваат сосема спротивно од позиција на власт. Буџетскиот процес и воопшто водењето на фискалната политика имаа свои закономерност и нагли промени не се препорачливи. Ние имавме една неодговорна епизода на остра фискална контракција во неколкуте години по кризата од 2001 (од 2002-2005), кога буџетскиот дефицит од околу 4,5% од БДП се намали на околу 1,5%, при што цената беше остар пад на економската активност во земјата.

ПРЕС24: Колку реално би изнесувал еден Буџет на Македонија?

СЛАВЕСКИ: Не може да се лицитира со цифри, но формулата се состои од следниве составни делови: прво, на страната на расходите, средства за редовно подмирување на со закон пропишаните обврски и права на граѓаните по разни основи (плати во јавната администрација, социјалните дејности, здравство, образование, пензии сл.; сервисирање на претходно превземени обврски (отплата на доспеан надворешен и внатрешен долг и камата на долгот); и средства за капитални инвестиции според потребите на економијата и граѓаните, а врз основа на утврдени приоритети од страна на извршната власт. Второ, оценка на капацитетот за наплата на различните видови приходи, во чиишто рамки треба да се движат и проектираните расходи, заедно со можноста за дефицитно финансирање на буџетот по прифатливи услови на домашниот и на меѓународните финансиски пазари. При сето ова треба да се води сметка (а во последно време не се води) дека секогаш треба да постои соодветен фискален простор (резерва), кој треба да се „билда“ кога условите во економијата се поволни, за да може да се одговори на последиците од некои непредвидени неповолни надворешни или внатрешни шокови од различен вид (на пр., пораст на цените на храната и енергијата, рецесија од глобални размери и сл.).

ПРЕС24: Според проценките задолжувањето за 2018 би требало да биде над 850 милони, преку домашниот и странскиот пазар. Дали оваа бројка е оправдана?

СЛАВЕСКИ: Сумата на задолжување е изведена категорија, дериватив, како разлика меѓу планираните расходи и приходите во буџетот и потребата за рефинансирање на обврските што доспеваат за плаќање во текот на соодветната буџетска година.

ПРЕС24: Каква е Вашата оценка за капиталните инвестиции на предвидениот Буџет?

 

СЛАВЕСКИ:  Навидум солиден износ, кој би било добро да се реализира во што повисок процент. Значителен дел ќе биде наменет за продолжување и реализација на проекти започнати од претходната влада. По малку сум скептик дека повеќето буџетски корисници ќе бидат максимално ефикасни во реализација на средствата што им се ставени на располагање. Претпоставувам дека повеќе функционални тимови во министерствата и другите буџетски корисници, кои повеќе години го граделе капацитетот за поефикасна реализација на проектите, се веќе рекомпонирани од страна на новата власт и ќе биде потребно време за новите носители на проектите и програмите да ја постигнат посакуваната ефикасност. Потребно време во оваа смисла би го мерел во години, а не во месеци.

 

 

 

18.11.2017 - 11:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа